Убаво, празнично е пред Божик во Крушево.

Така беше на петти јануари во вечерните часови во центарот на Крушево. Веселата атмосфера и покрај студеното време, посната трпеза, топлите напитоци и исчекувањето ја красат атмосферата пред Божик во историско Крушево. Историско е и во своите трдиции. Со гордост, малку срамежливо, крушевчани упатуваат на уникатната традиција. Го навестуваат големиот христијански празник- Христовото раѓање – Божик. Со вековната традиција „Дева – во чест на новото раѓање“.

Лицата и на младите и на возрасните се празнични. Го привлекуваат вниманието на бројните посетители и на туристите. Тие, пак, искрено се прашуваат – каква е уникатната традиција што ги собра на плоштадот „Никола Мартиноски“, пред новогодишната елка.

Младите демонстрираат вековна традиција. Велат, само во Крушево, па дури до Витлеем.

Предбожикни песни, навестувањата, голем број изрботени шестокраки црвени ѕвезди. Велат, како онаа во Витлеем кога било навестено Исусовото раѓање.

Веќе седма година, организирано, крушевските средношколци од училиштето „Наум Наумоски Борче“ потсетуваат на вековната уникатна предбожикна традиција во Крушево. Да остане довека.

Шест млади момчиња, носејќи ја црвената ѕвезда се упатија пред секоја крушевска порта. Затропаа. Ја пееја „Дева, Деване“. Добија благослови и, секако, пари. Таков е вековниот адет. И сѐ така, додека не се поминат портите во таа петтојануарска ноќ.

Младата крушевчанка Билјана Стојаноска е подготвена да објасне за големата уникатна предбожиќна традиција во Крушево која, на овој начин, го поврзува со древниот Витлеем.

– Манифестацијата „Дева – во чест на новото раѓање“ е вековна традиција која се одржува во Крушево. „Дева“ е обичај, стар стотици години. Се вели дека крушевските печалбари го пренесле од Русија и, колку што имаме сознанија, се празнува само во Крушево и во Витлеем. Она што е интересно е дека млади момчиња носат шестокрака ѕвезда, ја пеат песната „Дева, Деване..“ и со тоа ја најавуваат прекрасната вест за раѓањето на Исус Христос. Празникот како долга традиција е многу битен за крушевчани. Врши голема промоција на самото Крушево и на вредностите кои ги имаме и се уникатни само за нас, објаснува Стојаноска која е дел од организацискиот одбор на Манифестацијата „Дева – во чест на новото раѓање“.

Зорица Кузманоска, професор во средното крушевско училиште „Наум Наумоски Борче“ кое сака да ги зачува традиционалните вредности и да ги приближи до младите да не ги заборават како оставнина од предците, вели дека настанот е многузначен и хуман.

– Веќе седум години го организираме овој настан, поттикнати од идејата дека младите луѓе се носители на напредокот во овој град, сакајќи да напредуваме како туристички град, но и од сосема друг карактер. Сакајќи да се зачува традицијата која младите полека ја забораваат, но и д се подигнат вредностите поврзани со овие божиќни празници. Настанот е многу интересен, зашто отсликува една хуманост. Паричките кои ги собираат децата кои со ѕвездата, што ја симболизира Витлеемската ѕвезда, шетаат од куќа до куќа, ќе бидат донирани за првото родено бебе по овој настан на петти јануари. Организиравме и донации од крушевските стопанственици кои ја збогатија посната трпеза и ги згреаја душите на сите посетители и на туристите во Крушево, смета Кузманоска.

Крушевчани се горди на традицијата која им ја објаснуваат детално на посетителите и на гостите, а тие, пак, гостите, воодушевени од впечатоците – на градскиот плоштад среде Крушево пробуват од посната трпеза, се топлат со напитоците во петојануарската зимска вечер и воодушевено се подготвени да им раскажувата на блиските и на пријателите –  Предбожиќната петтојануарска вечер во Крушево вреди да се доживее.

Петтојануарската предбадникова и предбожиќна вечер во Крушево е неповторливо искуство и буди чувства на семејно заедништво. Топлината од свечените песни на малдите, упорноста да ја одржат традицијата, ја стоплува душата.

Крушевчани имаа многу гости за Новогодишните. Ги прибраа гостите и за Божиќните празници. Со уникатноста.

Елизабета Митреска за МИА