Деновиве додека јавноста е бомбардирана со вести за референдумот за договорот со Грција, револтирани граѓани, меѓу кои голем број поддржувачи на актуелната власт, објавуваат жестоки статуси на социјалните мрежи за тоа дека владејачките СДСМ и ДУИ на граѓаните им делат лекции за НАТО и ЕУ – стандарди, а за свои блиски фирми и поединци државни пари на тендери, од државни фондови за иновации и други.
Во врска со ова денеска ВМРО-ДПМНЕ побара оставки од вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и од директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски во врска со грантот доделен од Фондот во висина од 160.000 евра за „Каст инвест“.
Партискиот портпарол ја обвини владејачката партија за нелегални тендери и донации, во време кое како што рече, целата јавност е фокусирана на прашањата околу името на Република Македонија, референдумот и договорот со Грција.
– Пред една недела, вицепремиерот Кочо Анѓушев излезе на говорница и рече дека му било „чест и задоволство и голема радост“ што фондот за иновации делел 10,5 милиони евра! Па како нема да му биде кога на фирма во која што како сопственик тој фигурира негова компанија се доделуваат 160 000 евра, рече Арсовски.
Тој го цитираше законот за спречување на судир за јавни интереси и Кривичниот законик, наведувајќи дека јасно и прецизно била предвидена казна затвор за сите оние кои го прекршуваат Законот за судир на интереси.
Арсовски го повика Јавното обвинителство да поведе постапка против Анѓушев и Деспотовски во врска со грантот.
Деновиве медиумите блиски до власта ги премолчуваат „непријатните вести“, но социјалните мрежи и медиуми кои не се зависни од актуелната власт, само во рок од неколку дена објавуваат суми во десетици милиони евра, кои преку тендери и други форми им се доделени на фирми и поединци блиски до СДСМ и ДУИ. Меѓу нив се милионските тендери за фирма од Пласница, потоа тендерот на Министерството за здравство, како и значителни суми пари за „иновации“ на медиуми и печатници, блиски до власта, во Скопје, Прилеп, Кавадарци и други градови.
Формата „иновација“ е искористена како покритие да се одлеваат пари од буџетот, кој го полнат граѓаните, на поединци и фирми кои немаат ништо заедничко со иновативност во својата дејност, како што се изградба и набавка на печатница и слично.
Ова расфрлање со парите на граѓаните се прави во период кога нивното внимание е фокусирано на референдумот кој, со пропагандните флоскули „дали сте за НАТО и ЕУ“, се турка смената на уставното име на Република Македонија и подготвување на граѓаните да го прифатат капитулантскиот договор со Грција.