Околу 19 милиони Романци со право на глас денеска и утре гласаат на референдум за промена на уставната дефиниција на семејството.

Организирањето референдум го одобри Уставниот суд на Романија.

Граѓанската иницијатива за промена на Уставот, со цел да се детализира дека семејство се заснова врз основа на брак меѓу маж и жена, а не меѓу сопружници, како што е во моментов, собра три милиони потписи. Иницијативата ја поддржа и Романската Православна Црква, чиј партријарх неодамна оцени дека референдумот е „исказ на патриотизам“.

Откако проектот беше одобрен во Парламентот, Уставниот суд кон средината на септември даде зелено светло за организирање на референдум.

Прашањето, на кое Романците одговараат е: „Дали се согласувате со законот за ревизија на Уставот на Романија во формата, одобрена од Парламентот?”, информира владиниот портпарол Нелу Барбу.

Премиерката Виорика Данчила истакна дека референдумот „не е против сексуалните малцинства, туку е резултат на една граѓанска иницијатива“. Таа исто така ги повика партиите јасно да ги кажат своите ставови, наместо да го бојкотираат гласањето.

Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија Ливиу Драгнеа ја поздрави одлуката на Парламентот со која ја одобри граѓанската иницијатива за ревизија на Уставот.

Правно гледано ништо нема да се смени бидејќи романското законодавство не дозволува истополови бракови. Но, експлицитната забрана ќе го отежне, всушност ќе направи и невозможно идна, каква било промена, која би одела во прилог на хомосексуалните двојки, истакнуваат противниците на рефрендумот. Тие стравуваат и од јакнење  на регресивната клима во земјата, со согласност на левичарската влада, чии демагошки настапи ги загрижуваат активистите за заштита на човекови права.