Референдумот во Романија за промена на уставната дефиниција на семејството ќе се одржи на 6 и 7 октомври, соопшти премиерката Виорика Данчила.
– Уставниот суд на Романија одобри организирање референдум. Во моментов се исполнети сите критериуми. Согласно законот, Владата има обврска да го организира гласањето. Референдумот ќе се одржи на 6 и 7 октомври, изјави Данчила.
Граѓанската иницијатива за промена на Уставот, за да се детализира дека семејство се заснова врз основа на брак меѓу маж и жена, а не меѓу сопружници, како што е во моментов, собра три милиони потписи.
Откако проектот беше одобрен во Парламентот, Уставниот суд оваа недела даде зелено светло за организирање на референдум.
Прашањето, на кое Романците ќе треба да одговорат е: „Дали се согласувате со законот за ревизија на Уставот на Романија во формата, одобрена од Парламентот”, информира владиниот портпарол Нелу Барбу.
Премиерката Данчила истакна дека референдумот „не е против сексуалните малцинства, туку е резултат на една граѓанска иницијатива“. Таа исто така ги повика партиите јасно да ги кажат своите ставови.
Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија Ливиу Драгнеа ја поздрави одлуката на Парламентот со која ја одобри граѓанската иницијатива за ревизија на Уставот.