Нова политичка партија, што е против рестриктивните мерки против Ковид-19, неочекувано постигна успех на покраинските избори во Австрија, освојувајќи шест проценти од гласовите и ќе има претставници во Парламентот, покажуваат првичните изборни резултати.

Партијата Луѓе, слободи, основни права (МФГ), формирана во февруари како одговор на одлуките за воведување мерки за борба против епидемијата, водеше кампања за изборите во Горна Австрија главно преку социјалните медиуми.

Активистите не веруваат во ефективноста на вакцината и се противат на секоја обврска за вакцинација. Основачот на партијата поднесе тужби до Врховниот суд за поништување на Законот, кој го оцени како „убиство на слободата“. Австрија постепено ги заострува протоколите воведени пролетта. Од октомври, само вакцинираните луѓе и оние кои прележале Ковид-19 ќе можат да присуствуваат на стадионите и големите настани во Виена.