Од 18.174 денари просечна месечна нето плата кај административните државни службеници во Секретарјатот за спроведување на Рамковниот договор,  до 90.215 денари просечна месечна нето плата во Регулаторната комисија за домување е движењето на платите во јавната администрација, покажува анализата направена од Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа “.

Оваа анализа дава приказ на движењето на платите во јавната администрација, за период од 2010 до денес, како и просечните месечни бруто и нето плати по вработен за одделни буџетски корисници ивработените во регулаторните тела. Во Република Македонија од 2014-тата година вработените во јавната администрација се нарекуваат административни службеници.

Од 2010 година до денес, може да се забележи тренд на зголемување на просечната месечна бруто плата во секторот јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување и тоа од 36.800 во 2010 на 41.300 на крајот на 2017 (ноември). Инаку, бројот на вработени во секторот јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување е во постојан пораст и од 42,474 во 2010, се искачил на 47,364 во 2016, што претставува околу 15% од вкупно вработените во земјава.

Според истата анализа, констатирано е дека просечната месечна нето плата по вработен кај сите буџетски кориници за 2016 година изнесува 28.700 денари, што пак е поголема за 6.360 денари од просечната месечна нето плата во Македонија.

Што се однесува пак до платите во регулаторните тела, може да се забележи дека просечните бруто и нето плати на сите 10 институции се поголеми од просечната бруто и нето плата во државата. Тие се движат од 58.291 денар месечна бруто, односно 39.033 просечна месечна нето плата по вработен, во Комисијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, до 136.194 денари просечна месечна бруто или 90.215 денари просечна месечна нето плата по вработен, во Регулаторната комисија за домување.