Најмалку 80 новинари се убиени во светот во 2018 година поради својата работа, објави невладината Репортери без граници.

Повеќе од половината убиени страдале во само пет држави: Авганистан, Сирија, Мексико, Јемен и Индија, се вели во годишен извештај за медиумски слободи објавен во Берлин.

Спотред тие податоци, 15 новинари се убиени во Авганистан, 11 во Сирија, девет во Мексико, осум во Јемен и шест во Индија. Шест новинари настрадале во САД од кои четворица загинале во напад врз Капитал Газет во Мериленд.

Во затвори се 348 новинари, најголем дел во Кина, Египет, Турција, Иран и Саудиска Арабија. Во изминатите 10 години во светот се убиени 702 новинари. Во 2018 година киднапирани се 60 новинари, шест повеќе отколку во претходната година.