Цената на земјоделските производи за еден ден драстично падна, поради немање пласман. Изминативе денови променливи се откупните цени на доматите, пиперките и краставиците, велат градинарите од Струмичко.

Доматите кои вчера се откупуваа по 25 денари за килограм, денеска трговците ги плаќаат по 10 денари, се жалат производителите.

– Таква е состојбата и со откупот на краставиците, кои вчера се откупува за 20 денари, а денес за 10 денари за килограм. Пиперките се откупуваат за 30 денари за килограм, а денеска цената падна на 10 денари, изјави Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.

Тој додава дека падот на откупните цени се должи на односот на понудата и побарувачката на пазарите. Покрај тоа, намалена е и побарувачката на домашниот пазар.

– Земјоделци кои го пласираат своето производство на пазари ширум државата велат дека нема побарувачка и често пати се случува да го вратат произведеното, додава Божиков.

Трговците, пак, тврдат дека квалитетните домати се откупуваат по цена од 25 до 35 денари.

– Добра цена има и зелената пиперка од сортата „куртовска капија“, која се откупува 25 денари за килограм. Цената на краставиците се движи од 15 до 20 денари, а зелката се откупува од 8 до 10 денари за килограм, вели Благој Витанов, откупувач од Струмица.

Според него, деновиве има голем интерес за праските и тие се плаќаат по 20 денари од килограм.

Земјоделците информираат дека за неколку дена треба да стасаат доматите кои се засеани како втора култура во пластениците.