Кибер агресијата, што Западот ја започна против Русија, ќе има последици и ќе бидат утврдени нејзините извори, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

Според руското Министерство за надворешни работи САД и нивните сателити преземаат масовна кибер операција против руските државни институции, медиуми, објекти од критична инфраструктура и витални системи, секојдневно се изложени на силни напади, со употреба на напредна информатичко-комуникациска технологија, пишува во соопштението.

– Никој не треба да се сомнева: започнатата кибер агресија врз Русија ќе доведе до тешки последици за нејзините поттикнувачи и сторители. Изворите на нападот ќе бидат утврдени, напаѓачите неизбежно ќе сносат одговорност за своите дела, согласно законот, се посочува во соопштението.

Исто така се додава и дека во кибер војната против Русија, учествуваат и кибер платеници, чии задачи често се граничат со, како што се оценува, отворен тероризам.