Секоја земја што ќе одобри користење на нејзините аеродроми за украински авиони за напади врз Русија може да се смета за земја во конфликт, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.

Тој ја обвини Романија дека дозволувала такви слетувања.

– Речиси сите борбено способни воздухопловни сили на режимот во Киев се уништени. Но, од сигурен извор знаеме дека украинските авиони полетале од Романија и другите соседни земји. Користењето на мрежата на аеродроми на оние земји кои би служеле за украинските воени авиони и потоа нивното користење против руските вооружени сили може да се смета за мешање на тие земји во вооружениот конфликт, рече Конашенков.

Украина бара од западните земји да воведат зона на забранети летови над нејзината територија. НАТО го одби барањето поради ризикот од директен конфликт со Москва.

Вчера рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Русија ќе ја смета за противник во војната секоја земја што ќе воведе зона на забранети летови над Украина.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска потврди дека САД им дале „зелено светло“ на сојузниците да и` донираат борбени авиони на Украина.

– Соединетите Држави им дадоа „зелено светло“ на земјите од НАТО доколку одлучат да обезбедат борбени авиони за Украина, еден ден откако претседателот Зеленски упати молба до членовите на Конгресот да ги обезбедат за време на повикот на Зум, изјави Блинкен во итервју за Си-Би-Ес.