Досега во повеќе наврати известувавме дека може да се добие од нашата вакцина, но од Владата не покажаа интерес за тоа, велат од Руската амбасада во Скопје.
– Амбасадата на Руската Федерација во повеќе наврати ја известуваше Владата на РС Македонија за можности за соработка во испорака на руската вакцина. На 18 август, пред пет месеци, го информиравме министерот за здравство Венко Филипче, дека доколку е заинтересирана Владата на С. Македонија, Рускиот фонд за директни инвестиции, кој ги има ексклузивните права за производство и продажба на „Спутник V“ во странски земји, може да започне разговори за сите прашања од интерес во однос на вакцината и нејзината набавка, изјавиле од амбасадата за Радио Канал 77.
Исто така и на 25 септември било испратено писмо и до шефот на Националниот комитет за имунизација, професор Александра Грозданова, за подготвеност да се одржи состанок во формат на видео конференција за да се разгледат сите прашања околу вакцината, но Руската амбасада. информира дека до сега немаат добиено одговор на овој предлог.
Од таму соопштуваат дека македонските граѓани можат да добијат пристап до руската вакцина, ако Владата се одлучи за набавка на руската вакцина, а Рускиот фонд за директни инвестиции е подготвен да започне преговори, вклучително и за испорака на вакцината, која „секако ќе биде достапна по најконкуретната цена“.