Поморски дронови синоќа повредија осум лица во Сочи, популарно руско летувалиште на Црното Море, соопштија властите на околната Краснодарска област преку апликацијата Телеграм.
Во објавата се наведува дека е делумно оштетена инфраструктурата на плажата во Сочи. На снимка од крајбрежното шеталиште, објавена на социјалните мрежи, се гледа експлозија и се слуша пукање, придружено со крици од луѓе.
Повеќе светски агенции ја потврдија автентичноста на снимката.
Додека Украина речиси секојдневно ја напаѓа Русија со дронови од воздух, вклучувајќи и напади длабоко во руската територија со цел уништување на енергетската, извозната и логистичката инфраструктура, нападите со поморски беспилотни леталата се поретки.
Сочи беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, кусо време пред Русија да го анектира полуостровот Крим од Украина, кој исто така се наоѓа на Црното Море. Во Сочи своја официјална резиденција има и рускиот претседател Владимир Путин.
Во напади на руските сили врз Криви Рог и Изјум во источна Украина, во текот на изминатата ноќ се повредени седум лица, соопштија денеска украински официјални лица.
Командантот на Дњепропетровската регионална антитерористичка армија Сергеј Ганжа изјави дека во нападот врз Криви Рог се ранети пет лица, од кои хоспитализирани се маж (42), кој е во тешка состојба, и маж (41) кој е полесно повреден, пренесува Униан. Во рускиот удар се оштетени станбени згради и приватни куќи во тој град.
Околу 4:20 часот, руската армија го погоди источниот перифериски дел на градот Изјум во Харковската област со наведувана авио-бомба, при што беа повредени две лица.
Украинското воздухопловство во објава на социјалните мрежи соопшти дека во текот на изминатата ноќ Русија ја нападнала Украина со 149 јуришни дронови од типот „шахед“, како и со дронови од типот „гербера“ и имитатори на дронови од типот „пародија“, од кои 128 се соборени.
„Погодоци од непријателските воздушни напади се забележани на 13 точки, како и пад на соборени (делови од дронови) на девет точки“, се наведува во соопштението.
ФОТО: Принтскрин од Телеграм




