Сашо Мијалков не може да помине граница, затоа што му е одземена патната исправа. Дали има уште некоја патна исправа не ми е познато, изјави шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал Вилма Русковска, во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Прашана во однос на некои извештаи дека Сашо Мијалков има чешки и хрватски пасош, Русковска рече дека таа нема такви информации.

-Не сум информирана за други пасоши, бидејќи сите предмети што се против него се од поранешното СЈО, така што за патната исправа на РС Македонија знам, а дали има други патни исправи тоа ќе треба да се прашаат колегите од поранешното СЈО. Знам дека кога беше притворен, а потоа пуштен во куќен притвор Јордан Камчев, него му беа одземни две патни исправи, македонска и бугарска, а дали Сашо Мијалков има уште некоја патна исправа не ми е познато, рече Русковска.

Прашана дали тој може да се појави на граница и да не го покаже македонскиот пасош кој му е одземен и да помине легално со некој друг пасош доколку го има, Русковска рече дека во фаза на судење, каде што му е одземена патната исправа не би смеел да биде пуштен на наша граница.

– Ни формално правно Мијалков не би можел да биде пуштен да ја напушти државата на легален премин. Доколку тоа го направил, а немам сознание дека е така, тогаш тоа го направил нелегално, изјави Русковска.

Таа посочи дека нема информации дека тој ја напуштил државата и последно што го знае, од разговорите со полиција е дека вршат распит на луѓето околу Мијалков, дека се одземени телефони и персонални компјутери, кои ќе бидат дадени на вештачење.

Според информациите кои таа ги има од полиција, последен пат Мијалков визуелно е забележан во 15 часот како со сопругата влегува во Мериот.