Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека повлекува 26 федерални закони за да се овозможи изградба на ѕид на границата со Мексико, и ова е првпат администрацијата да користи извршна власт за решавање на проблемот со имигрантите често користена од претходникот Доналд Трамп.

Исто така, одлуката е во спротивност на пораките од кампањата на Бајден во 2020 година за окончување на изградбата на ѕидот започната од Трамп.

За ова се дозна од соопштение објавено доцна синоќа од Федералниот регистер (Службен весник) на САД, во кое се даваат детаљи за изградба на ѕид во округот Стар, Тексас, дел од оптоварениот сектор на пограничните безбедносни служби со „висок број на нелегални преминувања“. Според владини податоци, за фискална 2023 година биле забележани 245.000 нелегални влегувања во секторот на долината Рио Гранде што содржи 21 округ.

-Постои акутна и итна потреба за изграба на физички бариери и патишта во близината на границата на Соединетите Држави за да се спречат нелегалните влегувања во Соединетите Држави во областите на овој проект, соопштува Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност.

За изградба на овој ѕид повлечени се законите за чист воздух, за чиста вода и за загрозени видови животни, ќе се користат пари одобрени од Конгресот во 2019 година за време на Трамп. Критичарите велат дека во ридестата област живеат 65.000 жители и содржи 3.108 квадратни километри од националниот парк Долина на долна Рио Гранде.

Областа е полна со мали потоци и рекички, ѕидот би пресекувал јавни земјишта, места каде растат и престојуваат локални растенија и животни како диви мачки. Критичарите екологисти велат дека ѕидот би влијаел негатвно на опстанокот на овие видови.

За време на администрацијата на Трамп, од 2017 до јануари 2021 година на јужната граница беа изградени 724 километри разни бариери. Гувернерот на Тексас Грег Абот ги обнови овие напори што беа запрени откако администрацијата на Бајден дојде на власт.

Одлуката на Министерството за внатрешна безбедност е во спротивност со пораките на кампањата на Бајден кои повикуваа на окончување на изградбата на ѕидот.

-Изградба на огромен ѕид што ќе се простира по јужната граница не е сериозно политичко решение, изјави Бајден на 20 јануари 2021 година.

Нелегалната имиграција од Јужна Америка поттикна дебати меѓу демократите и критики од републиканците, чии гувернери понекогаш транспортираат илјадници имигранти во северните градови и држави како Чикаго или Њујорк, а поради нивниот радикално зголемен број во изминатите месеци кои на јужната граница пристигаат во бранови.

-Граничен ѕид е решение од 14 век на проблем од 21 век. Нема да ја засили безбедноста на округот Стар. Продолжувам да се противам на непотребно трошење пари на даночните обврзници за неефективен пограничен ѕид, изјави Хенри Куејтер, член на претставничиот дом од Тексас.