Русија разменила мислења со САД и ЕУ за ситуацијата во Нагорно-Карабах пред минатомесечната брза воена операција на Азербејџан, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

„Политико“ претходно објави дека највисоките претставници на САД и ЕУ се сретнале со нивните руски колеги во Турција на итни разговори за Карабах, само неколку дена пред Азербејџан да ја почне операцијата во регионот.

– Ни се обратија претставници на САД и ЕУ и не замолија да одржиме средба, изјави Захарова додавајќи дека на средбата размениле мислења за ситуацијата во Карабах.

– На средбата немаше тајни преговори, тоа беше обична размена на мислења. Ќе видиме сега како Западот ќе го претстави сето ова, додаде таа.

Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави дека средбата не била тајна и оти тие „се собрале да разговараат за итните хуманитарни прашања и организацијата на потенцијална хуманитарна помош за народот на Нагорно-Карабах“.

– САД ќе продолжат да бидат многу ангажирани во ситуацијата таму. Ќе продолжиме да обезбедуваме посветена помош на сите страни во напорите да се постигне траен мир во Јужен Кавказ, рече тој