Жителите на американскиот град Колумбус, во централната сојузна држава Охајо, наскоро ќе добијат сто нови причини за вакцинација, јавија локалните власти.
Градскиот совет на Колумбус утре ќе треба да гласа за нацрт-законот што ќе им овозможи на вакцинираните лица да добиваат по 100 американски долари за да се поттикне масовната имунизација, јави локалниот весник „ The Columbus Dispatch“.
Законот нема да важи за оние кои веќе се вакцинирани.
По 100 долари, или по 50 долари за доза на „Модерна„ или „Фајзер“ ќе можат да добијат само 2.750 лица, бидејќи за оваа акција се достапни 275.000 американски долари.
-Оние што ќе учествуваат и ќе се вакцинираат со вакцината „Џонсон и Џонсон“, која се дава во единечна доза, ќе добијат еднократна сума од 100 американски долари, изјави за весникот привремената претседателка на Градскиот совет, Елизабет Браун.
Жителите ќе можат да се регистрираат на веб-страницата на програмата кога законот ќе добие зелено светло. Досега се вакцинирани 43 проценти од граѓаните на Колумбус, но некои од најсиромашните населби во градот бележат само 25 проценти имунизација.