Американскиот ескадрени миноносач „Милиус“ денеска пристигна во Јапонија во рамки на планот на САД за заштита на своите сојузници во Источна Азија од евентуални напади со балистички ракети од страна на Северна Кореја или други држави.

Бродот „Милиус“ пристигна во поморската база во Јокосука на три недели пред најавената средба во Сингапур меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Аналитичарите ваквиот потег на САД го оценуваат како демонстрација на сила со цел да се изврши притисок врз Северна Кореја за откажување од нејзината програма за создавање на нуклеарно оружје и од ракетните тестови.

Американската Пацифичка флота соопшти дека „Милиус“ ќе има задача да ја засили безбедноста и стабилноста во регионот преку зголемување на капацитетите за одбрана од балистички ракети.

„Милиус“ е опремен со систем за против воздушна одбрана од типот „Иџис“.