Жестока полемика околу илегалните мигранти има викендов помеѓу италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини и шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн.
Луксембуршкиот министер го нарече Салвини фашист, по што следеше вербална војна преку медиумите, во која италијанскиот министер му одговори:
– Социјалистичкиот министер на даночниот рај Луксембург, откако ги спореди нашите италијански претци емигранти со денешните илегални мигранти, сега ми одреди и титула фашист, одговори Салвини на Твитер.
Италијанскиот министер додаде дека ако Луксембург толку ги сака мигрантите нека ги прибере сите, бидејќи во Италија веќе ги има премногу.
Аселборн го обвини Салвини во интервју во Шпигл дека користел методи и тон на фашист од 30-тите години. Препукувањето помеѓу двајцата министри почна во петокот на министерскиот состанок во Виена, каде Салвини го критикуваше Аселборн, кој рече дека Европа е стара нација на која и се потребни мигранти.
Салвини на тоа одговори дека сака Италија да ја чува за Италијанците и дека Луксембург може да ги прими сите мигранти.
Аселборн потоа реагираше велејќи дека во Луксембург има десетина илјади Италијанци кои работат за да ги хранат децата во Италија.