Поранешниот италијански вицепремиер и лидер на партијата Лига, Матео Салвини предупреди дека ако војната во Украина не заврши наскоро, хроничниот недостиг на храна ќе предизвика мигрантски бран што ќе доведе до обид на 20 милиони африкански мигранти да влезат во Европа.

– Се очекува значителен глад на африканскиот континент, кој ќе биде хуманитарен, потоа социјален и на крајот италијански проблем, вели Салвини.

Тој предупредува дека ако продолжи да се влијае врз залихите на украинското жито наесен ќе има нов мигрантски бран:

– Без мир ќе има глад наесен и 20 милиони Африканци ќе бидат подготвени да тргнат кон Европа, додаде тој.

Салвини предвидува дека ќе се развие нова мигрантска криза доколку не се постигне прекин на огнот и последователен мир до крајот на овој месец, истакнувајќи дека тоа е „суштинско и за Украина, Русија и Италија“.

Поранешниот италијански вицепремиер и министер за внатрешни работи итно бара средба со премиерот Марио Драги, кој неодамна се врати од средбата со Џо Бајден, за да го поттикне прашањето за прекин на огнот.

Салвини рече дека европските земји кои фрлаат оружје во регионот го прават мирот сè подалечна можност.

– Ако во Европа се потрошат 80 милијарди евра за оружје, ќе биде тешко да се постигне мир, колку повеќе оружје има, толку подалечен ќе биде мирот. Има луѓе во Европа кои се за војна, но Италија, Франција и Германија мора да дејствуваат за мир, додаде тој, зборувајќи против одлуката Италија да испрати трета пратка со оружје во Украина.

Украина беше шестиот најголем извозник на пченица во светот пред почетокот на војната.