Граѓаните да бидат спокојни, Владата предводена од СДСМ, преку три механизми, ќе обезбеди вакцини против корона вирусот за вакцинирање на 60 проценти од населението, соопши денеска владејачката партија.

СДСМ сега не ги спомнува „пријателските вакцини“ од Грција и Бугарија, што од лани ги најавува нивниот лидер Зоран Заев и даваше лажна надеж за граѓаните.

Сега, откако Грција и Бугарија соопштија дека немаат вакцини за давање, од владејачката партија најавуваат други три извори за вакцините кои никој не знае кога ќе стигнат во Македонија, во време кога сите соседни земји веќе вршат вакцинација на населението. Но, за СДСМ, извесно е само едно: опозицијата е виновна и за вакцините и вакцинацијата.

Таков е впечатокот од денешната реакција од СДСМ, чие соопштение го пренесуваме во целост:

„Повеќе од три години трае деструктивното, неодговорно однесување на Христијан Мицкоски кое е на штета на граѓаните и опасно по јавното здравје. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат поим од ништо освен да шират лажни вести, да работат против интересите на граѓаните, на државата. Безмалку една година ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Мицкоски го поткопува здравствениот систем, го погазува трудот на здравствените работници, а во последните недели шири лаги и невистини со кои се обидува да внесе вознемиреност во јавноста. Фрустрациите на ВМРО-ДПМНЕ се толку големи што заради гол популизам го ставаат на коцка здравјето на граѓаните во оваа коронакриза. Граѓаните да бидат спокојни, да не подлегнуваат на лажните тези на ВМРО-ДПМНЕ. Владата предводена од СДСМ, преку три механизми, ќе обезбеди вакцини против корона вирусот за вакцинирање на 60 проценти од населението. ВМРО-ДПМНЕ, како и досега ќе обезбеди само шарени лаги и деструкции“, се вели во соопштението од СДСМ.