Денеска паднаа сите маски. Јавно, на телевизија, пред сите граѓани, члeнови и симпатизери на СДСМ, Игор Ивановски Шема призна дека платформата не е за никакви „разговори за иднината“ на Македонија туку за рушење на СДСМ од внатре. Ивановски го призна тоа што СДСМ со месеци наназад го говори. Иако често звучеше како Мицкоски кога зборува во македонското Собрание, и кога на „Венко и неколкумина околу него„ им се закануваше. Очигледно Фројд работи, се наведува во соопштението на СДСМ кое МИА го пренесува интегрално.

Она што од денеска на сите членови на СДСМ им е кристално јасно е дека намерата на платформата ЗНАМ 2.0 е само во корист на ВМРО. Ивановски денеска во име на платформата промовираше уназадување на демократијата во СДСМ. Највисокиот демократски чин во СДСМ, за избор на претседател со директно и непосредно гласање на членовите на партијата да се укине.

Зошто некој би ја враќал партијата назад, зошто би сакал да им се укине на членовите правото на глас, директно да одлучуваат за својата партија?

Како што зад затворени врати „дебатираа“ пред некој ден во скап хотел, така ли сакаат да го бираат и претседателот на СДСМ?

Како некој зборува за внатрешна демократија а промовира помалку демократија?

Одговорот е едноставен. Затоа што овие предавници одработуваат за Мицкоски и немаат никаква поддршка од членството на СДСМ.

Знаат што ќе им се случи да излезат пред членството -дебакл. Затоа и се кријат зад затворени врати.

Силата на гласот на членовите им смета на ЗНАМ 2.0.

Големината на СДСМ е во секој член. За Венко Филипче на последните директни и непосредни избори гласаа над 18.000 членови.

А тие на трибина донесоа луѓе од друга партија да „дебатираат“ за внатрешната организација на СДСМ.

На сите веќе им е кристално јасно, ЗНАМ 2.0 е проект на Мицкоски, нова епизода од старата серија ЗНАМ, само во ново пакување.

СДСМ е силна, овие обиди нема да успеат, ќе ги победиме сите сателити и одработувачи на Мицкоски и неговата криминалната организирана група.

И покрај нарачените анкети, трендот на раст на СДСМ повеќе не може да се сокрие. Дури и во овие платени истражувања од власта, каде што се обидуваат да го спуштат рејтингот на СДСМ, јасно се гледа огромниот пад на поддршката за ВМРО и постојаниот раст на довербата во новото раководство на СДСМ, разликата е намлаена за 4,8 ПП.

Новата платформа ЗНАМ 2.0 може колку сака да зборува за пад на СДСМ, но сите показатели говорат спротивно – новото раководство ја врати репутацијата и довербата кај своите гласачи, а и покрај сите напори да се урне странката, СДСМ е денес посилен отколку пред неколку месеци и штотуку почнува да расте.

Заедно со сите учесници на Фронтот за вистина и правда, СДСМ се враќа на местото кое му припаѓа и наскоро ќе стане најсилната политичка опција во Македонија.

СДСМ