Стигна писмо од платформата ЗНАМ 2.0. Во заглавието ставиле: доверливо. Не стигнавме ниту да го прочитаме писмото, а тие веќе се сликаа и го објавија на своите (ВМРО-ОКГ) медиуми, стои во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
Толку за „доверливоста“.
И нас би ни било срам да го напишеме ова од декември, со сите ветувања. Така што за нив подобро било да биде доверливо, за да не го видат другите.
Нема потреба да биде доверливо. За разлика од нив, кај нас сè е транспарентно.
Нека читаат граѓаните. Во оној друг дел, по стилот, ќе ја препознаете Ивона Талевска. Нема врска. Писмо е писмо. Или е програма?
Од декември објавуваат по телевизии приказна за некаква нова платформа, дека решаваат проблеми.
Длабинска анализа. Нова стратегија. Визуелен идентитет. Млади. Општини. Дисконтинуитет од сите досегашни раководства – вклучувајќи ги себеси.
Во документот, преведено на народен речник:
-Венко, препушти ја партијата. План немаме. Не знаеме ни како. Мораме да ја растуриме, зашто ја крена од мртвите. А и рејтингот и на тебе и на партијата сериозно ви порасна. Ги читавме резултатите на Мицкоски.
-Секој ден сè повеќе луѓе сфаќаат дека Мицкоски лаже и дека тој и ВМРО се банда што го пљачка народот.
-Мораме да пробаме да бидеме како ЗНАМ. Да ги исечеме опозициските гласови. Како што Максо го направи тоа.
-Мораме, зашто Андреј му должи на Орце. Шема – го знаете, има свои шеми. Славјанка се заглиби со Леонардо. Куркчиев веќе се знае, 1,6 милиони евра.
-Извини, Венко. Нас нè има дури 17. За тебе гласаа повеќе од 18.000 членови. Ама биди другар. Покажи волја.
-Мицкоски не е толку лош. Навикнал на луксуз. Сака скапо. Сам вели дека го болат колената. Му фалат уште саати, уште одела, и авион.
Тоа е програмата. Нема бројки. Нема антикорупција. Нема ЕУ. Нема Лаура Ковеши и европско обвинителство.
Има оставка, конгрес и нов лого. И закана: ако не прифатиш, писмото нема да остане доверливо.
СДСМ ја објавува програмата на Платформата ЗНАМ 2.0. Нека чита народот. Седумнаесет потписи против 18 илјади гласа и против целосно СДСМ.
Кафеана против Статут. Шема против партија.
ЗНАМ 1.0 или прва верзија ја продаде партијата.
Втората бара клучеви. Нема да ги добие.
Порака до Платформашите, шемаџиите, ЗНАМ 2.0 и другарите од анти-НАТО, анти-ЕУ и руската партија Левица:
Партијата не е на продажба. СДСМ не се предава на аванс.
За нас, СДСМ не вреди само 1,6 милиони евра, како за вас.
Ние сме за Европа, за вистина и правда.
Слободата на говорот, слободата на медиумите, демократијата, европскиот пат и иднината на нашата Македонија немаат цена!
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ




