И денеска владејачкиот СДСМ не запира со „нивното вреднување на трудот на наставниците“, а според нив, за ниските плати „виновник е ВМРО-ДПМНЕ“ оти ги „блокирале во нивните добри намери за наставниците во основните и средните училишта“.

Го објавуваме соопштението од СДСМ онака како што е лиферувано од партиското седиште на Бихаќска:

Јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците.

Но, најважниот интерес на учениците е да се обезбеди континуитет на наставата, особено сега после пандемијата.

Наставниците треба интересот на децата да го стават на прво место, а преку дијалог да се изнајде издржливо решение.

Токму преку дијалог изминатите 4 години, СДСМ платите во образованието и детската заштита ги зголеми од 3.200 до 6.400 денари.

Наставник во основно образование добива повисока месечна плата за над 3.200 денари, додека воспитувачките во градинките имаат плати повисоки за над 6.000 денари, споредено со периодот од пред 4 и пол години, односно во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај растот на платите, инвестиравме и во нови работни места. Во овој период во градинките се вработени над 1.000 воспитувачки, негувателки, помошен персонал, а нивните договори ги трансформиравме на неопределено време.

СДСМ континуирано покажува дека го цени и вреднува трудот на наставниот кадар. Со Законот за наставници и стручни соработници, закон кој ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира, обезбедуваме трансформација на работните односи за околу 4.700 наставници и стручни соработници во основно и средно образование.

Ако се усвоеше овој Закон, сега платите на наставниците ќе беа зголемени и 4.700 наставници и стручни соработници ќе добиеја економска сигурност на работните места.

Сите овие политики се донесени низ дијалог со синдикатите, работниците и надлежните институции.

Така и ќе продолжиме, низ дијалог ќе најдеме решение кое е во интерес на наставниците, учениците и нивните родители.

Центар за односи со јавноста на СДСМ