Откажана е посетата на секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев на Белград, соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ, отфрлајќи ги наводите дека Патрушев бил во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

-Не беше тука и нема да дојде во Белград, изјави Вучиќ за новинарите на отворањето на Клиничкиот центар на Србија по завршувањето на првата фаза од работите.

Како што беше претходно најавено, Патрушев во понеделник, на 28 февруари, требаше да дојде во Белград. Медиумите шпекулираа дека треба да разговара со Вучиќ за наводното регрутирање борци од Косово, Албанија, БиХ и за украинскиот фронт.

Тогаш се шпекулираше дека требало да се разговара за зајакнување на соработката меѓу Србија и Русија на полето на безбедноста и актуелните предизвици на Балканот, Европа и светот.

– Србија покажува најголема грижа, но и најголема одговорност за мирот во регионот. Не ја користиме ситуацијата да било кого, на кој било начин да нападнеме, обвинуваме што и се случи на нашата земја во 1999 година, истакна Вучиќ.

– Наскоро ќе следат датумите за кои ќе можеме да зборуваме, 17 и 24 март. Во секој случај, наше е строго да се придржуваме до меѓународното јавно право, да ја почитуваме нашата земја, да ги почитуваме другите земји, да не ги навредуваме другите народи, кажа Вучиќ.

Патрушев е секретар на Советот за национална безбедност од 2008 година, а пред тоа беше директор на Федералната служба за безбедност (ФСБ), која е наследник на КГБ.