Теута Арифи треба да се соочи со суд за да одговара за договорите за приватизација, наместо да оди за амбасадор во Брисел, вели лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Тој ја повика Европската Унија да не го прифати именувањето на Арифи за амбасадорка на Македонија во Брисел, со што таа би добила имунитет и, според него, не би одговарала за криминалот што го сторила како градоначалничка на Тетово.

– Теута Арифи треба да се соочи со суд за да одговара за договорите за приватизација со министерот на Караџиќ, прорускиот олигарх Дака Давидовиќ, за 800 фиктивни работни места, за стечајот на Општина Тетово и за 14. смртни случаи во тетовската Ковид-болница, објави Села на Твитер.

Потоа Села ѝ се обрати на ЕУ:

– Владеењето на правото е главен приоритет на политиката за проширување на ЕУ. Добивањето дипломатски имунитет на Арифи како амбасадор на Македонија во ЕУ значи амнестија за овие злосторства. ЕУ треба да го одбие нејзиното назначување, исто како што САД го одбија тоа на Фрчкоски, напиша Села.