Четири земјотреси од кои најсилниот со интензитет во епицентарот од 4,7 степени според Рихтер се почувствувани изутринава во западниот дел на Македонија.

Првиот земјотрес бил во 8:05 часот со интензитет од 3,3, вториот од 2,7 степени бил четири минути подоцна, третиот и најсилен во 8:10 часот, а последниот од 3,6 степени во 8:11.

Според податоците од Европско – медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресите бил на 18 километри западно од Центар – Жупа и 49 километри североисточно од Тирана, на длабочина од 10 километри.

Утринските земјотреси ги вознемирија дебрани

Земјотресите кои утрово беа регистрирани во близина на албанско-македонската граница кај Дебар, најмногу ги вознемирија дебрани, посебно оние во станбените згради.

Тие ги напуштија своите домови и одреден временски период останаа во дворовите на зградите, а некои заминаа кај свои блиски кои живат во куќи.

-Ќе одиме кај мојата ќерка, која живее во куќа, таму ќе бидеме побезбедни. Куќата е едноспратна, па ако повторно затресе можеме побрзо да излезиме. Живееме на петти кат, страшно беше, вели жителка на станбена зграда.

Епицентарот на земјотресите е во областа на пограничното рударско гратче Булќиза, на тресеттина километри од Дебар.

– Од вчера во 17 часот, кога е почувствуван првиот потрес регистрани се вкупно девет, со различна јачина, од 3,3 до 3,6 а најсилен беше оној во 8:10 часот. Епицентарот е во подрачјето на Булќиза со магнитуда од 4,5 степени според рихтеровата скала што кореспондира на 5 степени во жариштето на земјотресот, кој беше на длабочина од 10 километри, изјави за Ора њуз албанскиот сеизмолог Едмонд Души.

Според него тлото е се уште активно и со сигурност не може да се каже дали потресот во 8:10 е кулминација на оваа активност или ќе продолжи, затоа, додава, можни се нови потреси.