Северна Кореја усвои нов закон кој и дава право да изврши превентивен нуклеарен напад во самоодбрана, потег што, според лидерот Ким Џонг Ун, го прави статусот на земјата како нуклеарна сила „неповратен“ и забранува какви било разговори за денуклеаризација.

Овој потег доаѓа во време кога набљудувачите велат дека Северна Кореја се подготвува да продолжи со нуклеарни проби за првпат од 2017 година, откако историските самити со тогашниот американски претседател Доналд Трамп и другите светски лидери во 2018 година не успеаја да го убедат Ким да се откаже од неговата програма за нуклеарно оружје.

Врховното народно собрание вчера го изгласа новиот закон, јави државната новинска агенција КЦНА.

– Најголемото значење на легализирањето на политиката за нуклеарно оружје е тоа што повлекува линија на неповратност што значи дека нема преговарање за нашето нуклеарно оружје, рече Ким во говорот пред пратениците.

Северна Кореја веќе со устав се прогласи за нуклеарна земја, но новиот закон оди чекор понатаму со тоа што прецизира кога тоа оружје може да се користи – како одговор на напад или за запирање на инвазија. Законот дозволува и превентивен нуклеарен напад доколку се открие непосредна закана од напад со оружје за масовно уништување или напад врз „стратешките цели“ на земјата.