Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ

СДС најави бескомпромисна борба со криминалот?! Ауууу, викнаа сите во државата, воодушевени од бестрашните јунаци на Централен одбор им збрани. Македонија силно се потресе, се’ уште се дрма и е во тешка еуфорија на задоволство од декларацијата комуњарска во која стои оти застанаа „во одбрана на функционирање на правната држава и правниот систем!“ Јако, свака част, коментираа насекаде растреперените граѓани, ничкосани од силната и убедлива порака на раководството толку одговорно, невино и толку многу чесно. Но нешто труло остана да „копа“ и да виси во воздухот. А сите се’ уште соблазнети и разнежнети од  катарзата на врхушката опортунистичка и натаму се прашуваа – беа ли Фрики и Кики на собирот? Гарант…

Верувале или не, но фацичките кои до бескрај го урнисаа и му се изанонадија на секој дел од правниот и севкупниот систем на државата која некогаш и во Уставот, а засекогаш во повеќето срца, ќе се вика Македонија и никако поинаку, ќе се бореле против корупцијата?

Да, од екс Бихаќка абер пристигна дека истите оние срцки од чии редови потекнуваат најновите државни рекетари (историски и секогаш потекнувале, сетете се само на иницијацијата со случајот „Хард Рок“ пред скоро три децении итн.) сега најавија поддршка во борбата со криминалот и корупцијата?!

Кх, кх, кх, абе кој кого зеза тука? Некој нешто утнал или СДС не знае дека ЦО нивно најави борба со самите себе? Од каде тој самоубиствен монтипајтоновски порив кај чедата од владеење напатени?

Ви наликуваат ли на самоубиствениот одред на Јудејскиот народен фронт од „Брајановото житие“? Јок, сепак, ликовите од екипата на Клис, Чепмен и Гилијам се самоубија „дури“ откако ги избркаа Римјаните, без зла намера за својот народ. На страна што тие не крадеа и рекетираа, уште понастрана што Брајан, компариран со нивниот црпнат од нива Зоки е фаца, ама скроз…

Како и да е, сега комуњарите ќе се борат со себе. Замислете само како во мазохистички порив се тепаат самите. Им личи, нели. Но мораат, оти ветија, јавно. Блеф или не, ветеното си е ветено. Добро, ветија и дека нема да го менуваат името на државата, Уставот, историјата итн. итн. итн. итн. Зоки пишуваше и гаранции и така до бескрај, ама редно е барем еднаш да исполнат нешто што ветиле, нели?

Уште поинтересно е што оваа силна шлаканица очебијно доаѓа од ридот, од нивниот создавач, од креаторот. А тој мора да се послуша, без зуц. Да не се лажеме, „пријателската земја“ очигледно работела по барање на некого, кој пушти воспитна откако видел дека посинокот забегал, ама скроз. Башка, иако одамна си замина, а „задњи пут“ Катица го трсеше на мобиљка, на комуњарите и навистина им „пашеше“ и им паше тој да им е бог. Атеисти се само по потреба де.

Е сега, дали Боки и Кејт ќе бидат жртвата која лукративната секта од екс Бихаќка, возљубена во парите и моќта, ќе му ја поднесе на идолот под тотемот на ридот?

Тешко, поверојатно курбан ќе оди само Боки, Кејти Џејн им е премила и премногу им одработи, пола противници „стрпа“ во затвор или на суд, а Фрики и Кики се синокрвни, нивни, нејсе што цуцката со троловско-кадрава коса е јаничарка која немаше гајла да претрпи и силни транзфузии за  да си ја смени бојата на течението во жилите и’.

Јап, од друга страна, ко ќе видиш од комуњарски аспект, па то рекетот и не е некој страшен грев.

Ту, ту, милион ипол евра, а биле, а не биле. Сепак, зборуваме за обвинителката со мизерен просек 6-ка, толку неспособна, а истовремено, индиректно преку своите дејанија, толку способна да усреќи толку многу поддржувачи, цела армија шареноглави чеда кои, меѓу другото, и благодарение на нејзината „работа“ станаа советници, директорчиња и што ли не, а останаа она што секогаш и биле – суруши. Од друга страна, госпожата имала депонирани разговорчиња во иностранство, што за Зокија е уште побитна причина да се замачка некакво си таму учество во рекетот на работодавецот на сина и’. Па и тој три пати аболиран, а ништо не му фали, супер си е, башка премиер…

Најсреќни од ситуацијата со Коки и Зоки и очебијната амнестија на специјалната, сепак, се Кики и Фрики. Херојскиот министер кој го „бранеше“ Заеф во Собрание на 27-ми, нити потврди нити демантираше дека рекетарската двојка била на состанокот на врхушката. Поверојатно, поради празниот одговор, дуото и си било таму. Нејсе што цела Македонија знае кој се крие зад алијасите на Коки и Фрики. Не знаат само оние кои не се од Макеоднија. Да, не знае само северното МВР на Оли и истостраното (читај истосраното) обвинителство на другарка му Вили.

Неверојатно, но вистинито, исто како и целата прикаска во која еден новинар два-три месеци објавуваше детали за рекетот, а дотичните ни правдољупци немаа поим ни абер, ама ништо.

И додека по најновото ветување на врхушката им, сега сите чекаме СДС да се самоуапсат и самозатворат, а дел од народот и друго, една работа никако да ми излезе од ум. Ама никако.

Од почетокот на прикаската, не можев да се изначудам, а неверицата се’ уште ми трае и не минва пустата, а верувам дека и вас ве мачи. Која ми е дилемата?

Па добро бре, мајку му стара ил млада, колку мозок требаше да имаат Коки, Зоки, Фрики, Кики, заштитиничката им специјална и остала рекетарска багра за да им падне на ум да го рекетираат токму тој што го рекетираа? Ало, ни помалку, ни повеќе, туку токму него? И да мислат дека ќе минат онака, супер, силно збогатени со нозете во вис на лежалка на плажа на Бахамите, каде ли.

Јес, пред рекетот, живеев во убедување дека IQ-то им е околу „пеесе“, ама по ова се’ повеќе мислам дека когнитивните способности им се со минусен предзнак.

И друга работа, верувам, силно не мачи и не ни дава да спиеме. Дилемата страшна е многу логична – оти многу се дружеле, да не направила и Фрики некоја интервенција на желудникот? Кики не, тој гарант истото и го сторил на некоја од фризерките. Знаете, домино ефект од дружбата. Прв Боки ја старташе прикаската со намалување на истиот, следуваше Кејт со прстен желудочен. Приметивте ли, се разубаве ли у задње време и Фрики?