Армијата се развива, јакне, и она што е најважно, како што гледаме денеска, нашата Армија се подмладува. Вие денеска станувате дел од најценетата, најпочитуваната институција со најголема доверба во нашата држава, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот прием на нови 70 професионални војници во касарната „Илинден“.

Шекеринска истакна дека вложувањата во Армијата во изминативе три години придонеле за прв пат по долги години, интересот да биде исклучително голем.

– За прв пат, за 70 места за војници имавме 750 кандидати- практично по 10 кандидати за секое место. Тоа покажува дека нашето вложување во институцијата, во подобри услови и опрема, веќе се забележува од страна на сите, рече министерката.

Шекеринска информираше дека во наредниве денови ќе биде распишан нов конкурс за прием на уште 200 професионални војници кои што покрај тоа што ќе ја подмладат Армијата, ќе создадат и нов капацитет во кој Армијата и Министерството ќе вложуваат.

– Приемот во НАТО, доаѓањето на Бригадата на Југоисточна Европа, новата опрема и зголемените плати во Армијата, придонесот во вонредната состојба, лидерското место во транспарентност и довербата кај граѓаните, направија 2020 година да биде наша успешна година во делот на одбраната, рече Шекеринска.

На свеченоста по повод приемот на новите војници присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, Васко Ѓурчиновски и командантот на касарната „Илинден”. Со денешниот прием на 70 војници вкупната бројка на новопримени војници во изминатите три години изнесува 630.

Кратенката за нашата армија беше АРМ, а сега се заменува само со Армија, нашата Армија, Армијата на нашата земја… Така се балансира за да се избегне името Македонија со додатокот Северна, кој лошо звучи кај најголемиот број од Македонците, и АРМ и Македонија оти „лошо ќе им звучи“ на тие поради кои го сменија името.