Навлегувањето во други датуми за избори по 5 јули носи опасност да се загрози гласачкото право на граѓаните, бидејќи ќе го спротивстави со правото на одмор, изјави вицепремиерската Радмила Шекеринска.

– Ние не смееме да си дозволиме да ги ставиме граѓаните во позиција да бираат дали ќе одат на одмор или ќе одлучуваат на избори и затоа изборите треба да се случат веднаш, согласно законските рокови. На ниту еден граѓанин не смее да му се става под знак прашалник годишниот одмор и да му се загрозува заради некакви идеи за избори среде лето. Но, и обратно, на ниту еден граѓанин не смее да му биде загрозено правото на избор и правото на демократски глас, заради неразумните и несфатливи идеи изборите да се организираат среде лето, изјави Шекеринска.
Вицепремирката вели дека е „опасна и неразумна идејата изборите да бидат наесен“.

– Како општество, како одговорни поедници, не смееме да дозволиме државата да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент. Токму овие две инститиции мора да се во полн технички и политички капацитет, заради успешно справување со Ковид-19 и последиците од него. Затоа, изборите мора да се одржат на истекот на 22 дена по завршување на вонредната состојба односно во конкретниот случај на 5 јули, вели Шекеринска.

Таа додава дека добро ќе биде овој датум да се потврди и со консензус, како што нагласува, да не се втурнеме во бескрајни и неизвесни преговори.