Унапредување на билатералната одбранбена соработка, новите предизвици во одбраната, учеството во меѓународните мисии и можностите кои ги пружа армискиот полигон Криволак за изведување на заедничка обука и вежби.
Тоа беа темите на кои разговараа на денешната средба вицепремиерката, министерка за одбрана во заминување и актуелен пратеник, Радмила Шекеринска и началникот на вооружените сили на Кралството Холандија, адмирал Роб Бауер, кој се наоѓа во тридневна посета на нашата држава.
Од МО соопштија дека Шекеринска се заблагодарила на поддршката за приемот во НАТО и потенцирала оти членството во Алијансата е шанса за интензивирање на одбранбената соработка меѓу Македонија и Кралството Холандија.
– Нашите две држави имаат извонредна историја на соработка во одбраната и уверена сум дека приемот на С. Македонија во НАТО ќе даде нов импулс кон повторно интензивирање на таа соработка и одржување на заеднички обуки и вежби, истакна министерката Шекеринска.
Адмиралот Бауер и честита на Шекеринска за членството во НАТО и за новиот мандат на Владата и изрази подготвеност Холандија да земе поактивна улога во водството на Македонија низ структурите на НАТО со цел нашата земја побргу да се вклопи во Алијансата.