Околу 2.700 војници од шест држави вклучувајќи ја и нашата, од 5 јуни до 9 јули, во две ротации, на Центарот за подршка на обуката „Криволак“ ќе ја одржат теренската вежба „Одлучен удар“.

Нашата армија и војската на САД, како што информираа од Армијата,  ќе учествуваат со по 1.300 војници додека Црна Гора со 75, Литванија 10, Бугарија 25 и Албанија со 25 војници. Со вежбата војските ќе обезбедат синхронизација на расположивите сили и капацитети и зголемување на интероперативноста меѓу силите за специјани операции на партнерските земји.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на денешниот брифинг за вежбата на „Криволак“, рече дека со ваквите вежби се докажува дека Македонија го заслужува своето членство во НАТО и дека за две години успеавме да организираме четири важни регионални вежби.

-Ова е најголемата национална вежба што ја организираме на наша територија. Тоа ги покажува не само нашите капацитети, тоа е доказ за довербата која НАТО партнерите ја имаат во С. Македонија. Фактот дека во наша национална вежба, која самите ќе ја водиме и организираме, во која ќе учествуваат шест земји, од кои сите други се веќе членки на Алијансата и над 2.700 припадници на овие армии, покажува дека можеме, дека знаеме и дека сме создале доверба за ова да биде овозможено. Вежбата ќе подразбира голема интероперабилност и соработка на шест до вчера партнерски, а од крајот на годината и сојузнички армии, истакна Шекеринска.

Нагласи дека САД се наши стратешки партнери со кои веќе имаме соработувано и многу често вежбавме и дека токму поради тоа ни е дадена довербата за организирање на „Одлучен удар“.

Полковникот Тимоти Бјукен, кој е одбранбено аташе на САД во Северна Македонија, рече дека билетралната соработка меѓу двете држави е многу важна и дека Вашингтон од секогаш го поддржувал членството во земјава во Алијансата. Тој истакна дека процесот на ратификација на протоколот во Сенатот на САД е веќе започнат и дека се очекува дека тој процес да заврши до есен оваа година.

Сценариото на вежбата предвидува демонстрација на подготвеност со употреба на кредибилна колективна одбрана кое вклучува сеопфатно планирање на операции, вежби на командно место, двострана теренска вежба и обука со боеви гаѓања.

За време на вежбата ќе бидат организирани и отворени денови за граѓаните низ неколку градови. На 8 јуни во Гевгелија, 11-ти во Свети Николе, на 15-ти во Кавадарци, 26-ти во Радовиш и Струмица, на 29 јуни во Битола, на 1 јули во Гостивар и на 5 јули во Скопје. Во овие градови ќе биде презентирано вооружувањето и опремата, ќе се организираат спортски натпревари, а мобилните медицински тимови на армијата на САД ќе проверуваат крвен притисок и шеќер во кртва кај локалното население.