Крилото на Вардар, Данил Шишкарев пред дуелот со Пекинг СУ утре на отворањето на СЕХА лигата изјави дека е добро што натпреварувањето се проширува и што ќе се игра и надвор од Европа.

Според него, на тимот сеуште му недостигаат некои детали, но со тек на времето ќе стануваат подобри.

– Подготвени сме за новата сезона и со нетрпение го очекуваме стартот во СЕХА. Доста беше тренинзи и патувања на Супер Глоуб и на турнири. Овој противник го немаме гледано и многу анализирано, но за ракометот и за СЕХА е добро што натпреварувањето се шири и што ќе се игра и надвор од Европа. За секоја лига е добро да се шири вака и секако за нас е максимално важно. Сигурно ќе растеме како одминува времето. Во одбрана сме иста постава како и лани. Ни недостигаат некои детали, но со тек на времето ќе биде подобро. Имаме многу работи на кои треба да работиме во следниот дел од сезоната, а ние знаеме што и како треба да направиме, вели Шишкарев.

За почетокот на сезоната Вардар нема да може да смета на Стојанче Стоилов и Жозе Толедо, кои се повредени. Во екипата се врати и Глеб Калараш кој ќе ја засили одбраната.

Во продажба се билетите за мечот Вардар – Пекинг СУ по цена од 50 денари на касата на билетарницата на СЦ „Јане Сандански“.