Петкратниот шампион во СЕХА Газпром лигата, Вардар утре од 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански” ја започнува 9-тата сезона во регионалното ракометно натпреварување. „Црвено-црните“ ќе играат против дебитантот Пекинг Спортски Универзитет, во сезона во која ќе има вкупно 12 екипи поделени во две групи.

Покрај Вардар и Пекинг СУ, во групата на вардарци се уште и Мотор, Нексе, Татран и Војводина. „Црвено-црните” го бранат трофејот во СЕХА лигата.

Тренерот на скопскиот тим, Давид Писонеро изрази задоволство дека официјалниот дел од сезоната започнува во Скопје. Според Шпанецот, тимот треба да започне во добар ритам против кинескиот тим и да одигра најдобро што може.

– Пекинг Универзитет е непознат тим. Сепак, после Супер Глоуб за нас е важно да го кренеме нивото и да почнеме да играме сè подобро. За играчите е добро да почнат во добар ритам и без разлика што ова е непознат ривал наше е да одиграме најдобро што можеме и се надевам дека како ќе одминува времето ќе бидеме сè подобри”, изјави тренерот на вардарци, Давид Писонеро.

Пред почетокот на новата сезона вардарци играа на турнир во Требиње каде го освоија првото место, победија на две контролни средби со АЕК и Еурофарм работник и гоосвоија третото место во Дамам, Саудиска Арабија. Сепак, Писонеро не е задоволен од резултатите досега.

– Не сум задоволен од сите резултатите досега. Мојата цел е секогаш кога ќе излеземе на терен да победуваме. Иако победата е најважна ова досега беа подготвки. Супер Глоуб е повеќе од обични подготовки, а можам да бидам задоволен од првото полувреме против Кил. За мене е многу важно да играме добро и како влегуваме во натпреварите. Од тоа можеме да сме задоволни”, рече Писонеро.