Ние како Полско претседателство со Советот на ЕУ решивме да го поддржиме пристапување на Украина кон Унијата и решени сме да продолжиме со процесот на проширување, изјави денеска полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка пред почетокот на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел.
– Ние сме решени да го придвижиме овој процес, но нема да зборувам за датуми, истакна Шлапка во одговор на прашање дали Полска го поддржува приемот на Украина во ЕУ до 2030 година.
Шлапка додаде дека Полското претседателство работи на отворање на првиот Кластер од преговорите на Украина со ЕУ за време неговиот мандат во првата половина на годинава. Што се однесува до отворањето на останатите пет кластери, полскиот министер истакна дека за тоа ќе има „многу тешка дискусија“, имајќи го предвид потребниот консензус меѓу земјите членки на ЕУ за таквиот чекор.
Вчера на прес-конференцијата на крајот од еднодневната посета на Киев по повод третата годишнина од почетокот на руската инвазија врз земјата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека Украина постигнала импресивен напредок во спроведувањето на реформите поврзани со пристапувањето кон ЕУ и доколку продолжи со сегашното темпо на нивна имплементација може да биде подготвена за членство во Унијата и пред 2030 година.
На прашање дали ЕУ се уште го смета Полуостровот Крим за дел од украинската територија и дали и тој би бил опфатен за евентуалните претстојни мировни преговори, Шлапка кусо одговори дека Европската Унија „ја признава Украина во границите од пред почетокот на војната во 2014 година“.
Инаку, на денешното заседание на ГАК, министрите или државните секретари за европски прашања на земјите членки на Унијата расправаат за подготовката на редовниот мартовскиот Самит на ЕУ, што е закажан за 20 и 21 март, како и за Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година.
За време на неформалниот ручек предадено е министрите да разменат мислења за „иднината на Европа“.
Со заседанието на ГАК претседава Шлапка, во својство на претставник на земјата актуелен претседавач со ЕУ.
Фото: ЕПА