Европа треба да ја зајакне својата способност за самоодбрана за да ги одврати потенцијалните агресори, без оглед кој ќе победи на претстојните избори во САД и како ќе се развива војната во Украина, рече денеска германскиот канцелар Олаф Шолц во обраќањето на меѓународната безбедносна конференција во Минхен.

„Ние Европејците треба многу повеќе да се грижиме за сопствената безбедност, сега и во иднина“, рече Шолц на вториот ден од форумот, познат и како „Давос во одбраната“.

Германија, најголемата европска економија, ги зголеми трошоците за одбрана на два отсто од нејзиниот бруто домашен производ и ќе продолжи да се придржува до оваа цел поставена од НАТО, увери канцеларот.

Тој, исто така, рече дека Германија разговара со своите сојузници Франција и Британија за развој на прецизно оружје со долг дострел за да се осигура дека нејзината стратегија за одвраќање е на најсовремено ниво.

Фото: МИА архива