Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави денеска дека украинскиот отпор кон руската агресија со поддршка на сојузниците на Киев го запре уништувањето на светскиот поредок заснован на правила и дека „2024 г. мора да биде момент за негова целосна обнова“.

Тој на панелот на конференцијата за безбедност во Минхен рече дека во моментов не постои некој за кого војната која е во тек во Европа не претставува закана.

„Ако не реагираме сега, Путин ќе успее да ги направи следните години катастрофални и за другите земји. Разузнавачката заедница е свесна за ова. Украина веќе ги разби митовите со кои Русија се обиде да ја замагли реалноста и во која, за жал, светот веруваше“, нагласи Зеленски.

Тој додаде дека постои мит дека „Европа е премногу слаба за да се одбрани“ и дека наместо тоа Европа „стана глобална сила која ја надмина својата зависност од Русија“.

Зеленски истакна дека е благодарен за безбедносниот договор со Германија кој беше потпишан вчера во Берлин, како и за оној што беше потпишан меѓу Украина и Франција во Париз и рече дека тоа е само „почеток на имплементацијата на договорите засновани на на безбедносната декларација на Г7“.

Украинскиот претседател рече дека недостигот на пристап на неговата земја до оружје го зајакнува рускиот претседател Владимир Путин.

„За жал, држењето на Украина во вештачки дефицит на вооружување, особено во отсуство на артилерија и способности со долг дострел, му овозможува на Путин да се прилагоди на моменталниот интензитет на војната“, рече тој во говорот на Конференцијата за безбедност во Минхен.

Зеленски го спомена градот Авдејевка од каде денеска се повлекоа украинските војници и рече дека одлуката е донесена за „да се спасат животите на Украинците“.

„Не прашувајте ја Украина кога ќе заврши војната. Запрашајте се зошто Путин сè уште е во состојба да ја продолжи?“, рече Зеленски.

Тој ги повтори обвинувањата на сметка на рускиот претседател Владимир Путин во врска со смртта на Алексеј Навални и изјави дека со, како што рече, „убиството“ на критичарот на Кремљ, Москва „испрати јасна порака до учесниците на конференцијата во Минхен“.

Фото: ЕПА