Суд во шпанската провинција Араган, во источниот дел на земјата, ја осуди регионалната Влада затоа што на здравствените работници не им обезбедила заштитни материјали за лекување на заразените од коронавирус.

Ова е прва ваква пресуда во Шпанија, една од најпогодените земји од пандемијата, каде што во последните три месеци се заразени над 50.000 здравствени работници.

Еден од пет лица со коронавирус е лекар или медицинска сестра.

Во пресудата на судот се наведува дека  Владата на Араган го загрозила здравјето и животот на здравствените работници и нареди да ги опреми сите јавни и приватни медицински установи со потребната опрема.

Пресудата, во која не се споменува финансиски надомест или други казни за одговорните, е изречена откако синдикатот поднесе тужба.

-Ова е симболична одлука со која се потврдува дека владата не ја исполнила својата обврска, изјави претседателот на синдикатот Леандро Каталин.

Официјална претставничка на регионалната Влада соопшти дека судот наредил сите надлежни установи да се опремат со заштитни материјали, „што и се спроведува“.

„И досега тоа го правевме во согласност со нашите можности“, напомена таа.

Владата на Араган на судењето тврдеше дека централната левичарска шпанска Влада во Мадрид е одговорна за недостатокот на заштитна опрема, но судијката рече дека одговорноста е на автономната Влада.

Во земја со 47 милиони луѓе, со коронавирус беа заразени 240.660 лица, а 150.400 од нив беа излекувани од здравствените работници. Кога вирусот се појави во Шпанија на крајот на февруари, тие мораа да се заштитуваат со импровизиран материјал, па на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се прикажани санитарни работници кои се штитат со кеси за ѓубре.

Досега починале над 60 лекари и медицински сестри.