До понеделник треба да бидат готови лабораториските анализа на отпадот во депонијата во скопското село Орман, изјави денеска министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Таа најави дека во овој случај ќе бидат изречени парични казни и најверојатно и кривични пријави за прекршителите.

На 22 октомври Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека околу 500 до 600 тони опасен отпад е откриен на земјиште во селото Орман на територијата на Општина Ѓорче Петров во Скопје.

Министерката вели дека згурата што е откриена во Орман се носела од Пробиштип.

„Оној што го направил прекршокот прво ќе го санира местото, а и ќе плати за прекршокот. Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор“, рече министерката на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023.

На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од сопственикот на отпадот, Шукова истакна дека во моментов не може да даде други податоци бидејќи, како што рече, целата оваа постапка се води од Градот Скопје, а не од државата.

Во интервју за Радио Слободна Европа, директорот на Државниот инспекторат Сретен Стојковски рече дека стотици тони опасен отапд од топени алумулатори со месеци бил нелегално складиран на приватни парцели во селото Орман, а за тој период не знаеле ниту државните инспектори, ниту општинските.