Шведскиот премиер Улф Кристерсон го повика врховниот командант на шведските вооружени сили Микаел Бајден да помогне да се спречи порастот на убиства поврзани со конфликтот меѓу криминалните банди.

Двајцата денеска ќе се сретнат со началникот на полицијата за да разговараат за улогата на војската, јави Би-Би-Си.

Бајден за весникот „Дагенс нихетер“ изјави дека е подготвен да и помогне на полицијата. Не е јасно како точно ќе се вклучи војската, но имаше најави дека војниците би можеле да преземат некои полициски должности за да ослободат ресурси за полицијата за борба против криминалот.

Во Шведска овој месец во конфликт меѓу криминални групи загинаа 12 лица, што е најголем број од декември 2019 година, објавија локалните медиуми.

Кристерсон рече дека Шведска досега не видела вакво нешто и дека „ниту една друга земја во Европа“ не доживеала ваква ситуација. Тој изјави дека деца и невини случајни минувачи се повеќе страдаат во конфликти со банди.

Во извештајот на шведската влада објавен во 2021 година се наведува дека четири лица на милион луѓе умираат во пукотници секоја година, што е повисоко од европскиот просек од 1,6 на милион луѓе. Шведската полиција ја поврзува високата стапка на криминал со лошата интеграција на имигрантите, проширувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните и употребата на дрога.