Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае дека по грешка е убиен исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги за време на информативен разговор во Конзулатот во Истанбул, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на два извора.

Телевизијата јави дека во извештајот е наведено оти смртта на Кашоги е резултат на „испрашување што тргнало наопаку“, а чија цел требало да биде негово киднапирање од Турција.

Според еден извор, во извештајот ќе се заклучи дека операцијата е изведена без официјална дозвола и дека вмешаните ќе сносат одговорност.

Но, еден од изворите вели дека извештајот се уште се подготвува и можни се промени.

Кашоги, новинар на Вашингтон пост исчезна откако на 2 октомври влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул по документи кои му биле потребни за женидба.