Ембаргото на руската нафта предложено од Европската комисија (ЕК) ќе ја погоди Унгарија потешко отколку Русија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сјарто.

– Овој предлог би нè погодил многу повеќе од Русите. Унгарија нема излез на море, а ние зависиме од руската нафта и гас, изјави унгарскиот министер во интервју објавено денеска во шпанскиот весник Ел Паис, а пренесува ТАСС.

Тој додаде дека предлогот на ЕК создава огромен проблем за неговата земја.

Сијарто оцени дека единствен начин да се постигне договор за ембарго на руската нафта е тоа да се примени за испораките по морски пат, а од него да се исклучи испораката на руска нафта преку нафтоводот, пренесе Ројтерс.

Во видео објавено на Фејсбук, Сијарто предупреди дека предлогот на Европската унија за воведување нафтени санкции кон Русија ќе ја уништи унгарската економија.

Тој исто така истакна дека предлогот не нуди решение за огромните проблеми што санкциите би ѝ ги нанеле на Унгарија, наведува британската агенција.