Тренерот на Интер, Симоне Инзаги по поразот од Милан (1:2) вчеравечер во натпреварот од 24. коло од Италијанското фудбалско првенство, рече дека исходот на дербито не е реален.

– Таков е фудбалот. Доминиравме во секој поглед. Ни недостигаше острина во завршницата. Милан имаше среќа со првиот гол, а потоа паметно одигра. Дербито беше еднострано во првите 60 минути од натпреварот. Во последните 25 минути не бевме толку агресивни и натпреварот не ни беше под контрола. Нашите играчи се налутија по првиот примен гол, бидејќи имаше чист фаул над Алексис Санчез, а ние ја загубивме концентрацијата. Тоа е срамен пораз, но силните тимови треба да можат да ги анализираат своите грешки. Да играме уште 10 пати со нив, можевме да загубиме еднаш. Сите знаеме колку е важно дербито. Не заслуживме да загубиме, истакна Инзаги.

Двоен стрелец во победничкиот тим беше Оливие Жиру, за Интер постигна гол Иван Перишиќ.

И покрај поразот, Интер е лидер на табелата во Серија А со 53 бода, Милан е втор со 52 и натпревар повеќе.