Македонскиот претседател Стево Пендаровски полека гази кон крајот на својот мандат, рече дека ќе чека втор мандат од граѓаните, а рејтингот му е поблиску до нула отколку до еден процент.

Тој, како што пишува Скоспко ехо, неодамна истакна дека мислењето на граѓаните на Македонија ќе биде решавачки фактор за тоа дали повторно ќе се кандидира за претседател. А граѓаните низ годиниве на негово заседнување во вилата на Водно сумираа мислење за него.

Најчесто, тоа мислење не е баш „розево“. Вчера како проект на порталот МКД.мк агенцијата Маркет вижн анкетираше 1.200 испитаници во периодот од 6 до 16 февруари. Резултатите, пак, покажаа дека граѓаните немаат голема доверба во Пендаровски. Па така, на прашањето „Во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба?“ само 0,3 проценти се изјасниле дека довербата ја имаат во Пендаровски. Тоа е значително помалку отколку што е рејтингот на лидерот ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски – 11 отсто, и од лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски – 8,2 проценти. Дури многу помалку и од другите коишто се најдоа на листата.

Зошто процентот за претседателот Пендаровски е толку мал? Може луѓето се збуниле од прашањето оти тој не е лидер на партија? Може помислиле дека се работи за некој друг Пендаровски?

Претседателот сега треба да си процени дали довербата од 0,3 проценти е реална и дали е доволна за повторна кандидатура. Тој неодамна изјави дека сака да знае дали граѓаните имаат доверба во него.

Извор: Скопско ехо