Скопје повторно се најде во „лошо“ друштво, на петото место на листата на најзагадени градови во светот. Со индекс на загаденост од 185 Скопје е веднаш по Мумбаи, Делхи, Уланбатар и Лахор, кој е на прво место.

Според првиот човек на Државниот инспекторат за животна средина загадувањето дополнително ќе се зголеми доколку топланите не греат на гас, туку користат мазут и дизел.

Во нивните дозволи е наведено во случај да нема гас на пазарот тие можат да работат десет дена на мазут. Државниот инспекторат ќе ја следи исклучиво дозволата која им е издадена. Кога им е издадена таа дозвола? Треба да проверам, претходно, не се сега издадени- Сретен Стојковски, директор на Инспекторат за животна средина.

Во голем дел загадувањето е резултат на користење недозволиви средства за затоплување во домаќинстватата, вели Стојковски, за што сведочат и многуте претставки на граѓаните, но Државниот инспекторат за животна средина нема надлежност да влезе во домовите. Секоја година причините се исти, загрижувачки е што во истиов период први на удар се најмладите, возразните, хронично болните и бремените жени, бидејќи се одразува и на здравјето на плодот .

Аерозагадувањето не влијае само на белодробниот систем, иако ги вдишуваме тие честички, туку влијае безмалку на сите органи, пред се на крвните садови, на мозочниот систем и кога се развива кај малите деца па до повозрасните каде што може да дојде до мозочен удар, па дури го напаѓа и ендокринолошкиот систем. Не смееме да заборавиме дека во вакви услови луѓето воглавно се во затворен простор, а со овој тип на греење имаме голема опасност да имаме загаден воздух и внатре. Проценкитте се дека оваа зима ќе имаме уште поголема концентрација на честичките во домовите во зависност од греењето одколку надвор- проф. д- р Драган Ѓорѓев.

Над 20% од смртните случаи се токму последица на загадениот воздух, додава Ѓорѓев и овој „тивок“ убиец е присутен дури и во градовите во кои порано воздухот бил чист како што се Берово, Гевгелија и Охрид, што се должи на начинот на кој се загреваат домовите. Граѓаните треба да ги користат прочистувачите на воздух доколку ги имаат и да носат маски на отворено N95 кои штитат и од загадениот воздух и од вирусите посебно во периодот меѓу 17 и 19 часот.