Претресите во Управата за финансиска полиција и судирот со тогашниот директор, Арафат Муареми, резултираа со дисциплинска постапка за поранешната шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал, Вилма Русковска. Одлука за поведување на дисциплинска постапка е донесена не само против Русковска, туку и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Ваквата постапка беше отворена на предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти со случајот, откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која што раководи.

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност одржала расправа на која го разгледала писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оценила дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство, информираат од Обвинителството.

Ваквата постапка беше отворена на предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески

Против ова решение на Комисијата не е дозволена жалба. Како следна фаза на постапката, Комисијата ќе закаже седница на која ќе биде повикан Јовески и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и да дадат свои изјави за случувањата.

Целиот случај бил отворен по анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 започна претресот во финансиската полиција. Директорот на Управата за финансиска полиција, се жалеше на суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување. Русковска тогаш возврати дека се работи за притисок врз работата на судот и обвинителството и дека не гледа причина за паника и нервоза доколку се работело според законите. Судирот околу претресот во Управата за финансиска полиција резултираше со суспензија и дисциплински мерки за обвинителките кои се борат против организиран криминал. Муареми, пак, поднесе оставка од директорската функција