Селекторот на словачката хокеарска репрезентација Крег Рамсај, по синоќашниот натпревар од групната фаза на Светското првенство со Канада (5:6), им забележа на навивачите дека мора да ги почитуваат химните на противниците без оглед што се случува на теренот.

Домашните навивачи незадоволни од судењето и од поразот на Словачка, почнаа да свират за време на интонирањето на канадската химна по завршувањето на мечот.

-Се разбира, ние не сме задоволни од резултатот. Сепак, јас сум горд на моите играчи и како тие не реагираа на ситуацијата и на непријатните моменти. Покажавме дека таквите моменти не нè исфрлаат од ритам. Ние покажавме храброст и решителност и дека можеме да играме со секој ривал. Што се однесува до реакцијата на навивачите, ја разбирам, но не ја оправдувам. Сметам дека емоциите по таков натпревар ги совладаа. Ако бев на трибините, веројатно, истото и јас ќе го направев. Но мора да се почитува химната на ривалот, без оглед на разочарувачкиот пораз.

Словачка изгуби од фаворитот со 6:5 со гол примен на две секунди пред крајот, кога Канаѓаните имаа играч повеќе на теренот.