Четиринаесетгодишно девојче, кое беше киднапирано од страна на тројца мажи во Северна Калифорнија, е спасено со помош на социјалната мрежа Снепчет.

Полицијата соопшти дека педесетгодишниот Алберт Томас Васкез го онеспособил девојчето со помош на супстанци, а потоа ги повикал своите пријатели да му помогнат да ја внесе во автомобил.

Според тврдењата, Васкез потоа сексуално го злоупотребил девојчето во автомобилот, а потоа ја одвеле во мотел во Сан Хозе каде повторно ја злоупотребил.

Девојчето сепак успеало преку социјалната мрежа Снепчет да ги извести своите пријатели дека е киднапирана и да им ја испрати својата локација. Нејзините пријатели повикале полиција, а Васкез е уапсен поради киднапирање со намера да силува дете, лажно претставување и силување со употреба на супстанци. Неговите соучесници се обвинети за киднапирање и завера.

Снепчет овозможува комуникација помеѓу корисниците, праќање фотографии и видео записи, а може и да се сподели локација.