Неколку години СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев фрлаа „бомби“ и ја рушеа претходната власт, а од тие снимени материјали настрадаа многу луѓе, но штети има и за целата Република Македонија.

Сега такви бомби почнаа да им експлодират во дворот на владејачката партија.

Откако почнаа „бомби“ да го тресат ДУИ, коалицискиот партнер на СДСМ, сега тоа се случува и кај СДСМ, односно нивниот градоначалник на Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Него сериозно го тресе аудио снимка, за која се тврди дека се случувала во канцеларијата на градоначалникот во скопската општина Шуто Оризари.

Но, исто како што лидерот Заев се правдаше дека аудио-видео „бомбата“ за примање поткуп била сечена, лепена и монтирана, сега и градоначалникот од редовите на неговата партија вели дека објавената снимка е хајка против него.

Дудуш се закани и со тужби до објавувачите на „бомбата“, а тврди и дека се работи за монтирани снимки.

– Да имаше вистина во снимката, ќе имаше повредени. Оној што ја објавил монтирана аудио снимка ќе си добие пријава за нарушување на мојот углед и чест, а на сметка нема да му легнат новинарски поени од соработки со криминалци од калибарот на Сенат Јашар- вели градоначалникот Курто Дудуш.

Обвинувањата кои произлегуваат од аудио-снимката за Дудуш се дека тој измачувал и тепал непознато лице во својата канцеларија.

Обвинителството соопшти дека до нив нема пријава за таков случај, но сепак ќе преземат мерки по допрен глас.