Со политички тензии, не само меѓу опозицијата и владејачкото мнознство, туку и во редовите на опозицската Демократска партија, вчера претпладне започна со работа десеттиот состав на албанскиот законодавен дом, со враќање на опозицијата во собраниската сала, која ја напушти во февруари 2019 година.
Според Деловникот, како највозрасна меѓу народните избраници, седницата ја водеше Лулјета Бозо (79), која повика на соработка меѓу партиите.
-По долга професионална кариера, чест ми е да го отворам 10. парламентарно законодавно тело. Се чувствувам возбудено бидејќи никогаш досега оваа почесна сала немала толку многу девојки и жени во своите редови. Не само што сум горда на овие достигнувања, туку длабоко сум убедена дека ова законодавно тело долго ќе се памети по рушењето на бариерите и родовите стереотипи, зајакнување на улогата на жените. Презедовме голема одговорност, за историската мисија, да ја водиме Албанија кон Европа. Да се создаде Албанија која идните генерации ќе ја обожуваат, рече меѓу другото Бозо.
Додаде дека потенцијални поддржувачи на овие реформи остануваат САД, најмоќниот сојузник на Албанија, ЕУ и други.
-Продолжуваме да се соочуваме со два предизвика поврзани со закрепнување, земјотресот и пандемијата. Сите заедно ќе успееме. Дами и господа! Народот не избра со својот глас, да работиме без партиски бои, успешно да ја извршуваме чесната работа на пратенк. Добра работа на сите, и лево и десно. Ние работиме за доброто на нашата земја. Во овој процес ќе имаме поддршка од Албанците. Успешна работа за сите, посака Бозо.
Во собраниската сала, како што и најави беше и Сали Бериша, но беше седнат одвоено од пратеничката група на неговата Демократска партија, откако лидерот Љуљзим Баша доцна вечерта во четвртокот, соопшти дека го исклучува од парламентарната група, по одлуката на амерканскиот Стејт департмент да го прогласи за персона нон грата. Тоа од Баша го побара и амерканската амбасдорка во Тирана, Јури Ким.
Бериша пред парлементот беше пречекан со ракоплескање од негови поддржувачи, кои извикуваа: “Бериша, Бериша, оставка на Баша“, придружуван од шестмина сопартијци, кои не се согласуваат со одлуката на Баша.
Тој во изјава за новинарите, пред Парламентот, обвини за „валкан договор меѓу Баша и Рама“ и додаде дека одлуката за негово исклучување е еднаква на нула, најавувајќи дека продолжува да биде член на пратеничката група на ПД и оти ќе стори се да и го врати изгубениот углед на партијата.
-Ќе преземам секоја иницијатива во рамки на ПД за да се врати на пиедесталот што го заслужува. Како што можете да видите, јас сум член на пратеничката група на ПД. Компромисот, валканиот договор Рама-Баша е ништовен, нема правна основа, освен морална нечистотија во задкулисното пазарење против една политичка сила. Можам да влезам во седиштето на ПД во секое време и да бидете сигурни дека денот е многу блиску кога ПД ќе ја врати сета сила, сета решителност, легитимитет, да ја исфрли владејачка клика базирана на криминал, дрога, силување гласови и валкани пазарења, со оние кои ја претвораат ПД во фасада на опозицијата. За сега толку, им рече Бериша на новинарите.
И на излегување од собраниската зграда, Бериша, беше пречекан со аплауз и зборови на поддршка од поголем број симпатизери на партијата, кои бараа оставка од Баша, употребувајќи погрдни зборови за него.
Тој пак ги заобиколи и во зградата влезе од споредна врата, зедно со двајца пратеници.
На новинарско прашање дали е точно обвинението на Бериша дека постои соработка Рама-Баша, тој се спротивстави, нарекувајќи го Рама непријател на Албанија.
-Албанија има само еден непријател а тој е Еди Рама, рече Баша, кој одби да одговори за наводен обид за негова смена од лидерката функција, ниту дали врз него се вршел притисок за исклучување на Бериша.
Лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер Еди Рама не сакаше да ги коментира последните случувања во таборот на демократите, само рече дека влегол во Парламентот со подадена рака за соработка во интерес на земјата и нејзините граѓани.
-Влеговме во ова собрание за трет мандат со подадена рака, го реков ова, не знаејќи како ќе се одвиваат работите во ПД, раката е испружена да соработуваме во функција на земјата и обврските што ги имаме кон народот, рече Рама.
Во вториот дел од седницата, што се одржа доцна попладне беа верификувани мандатите на 140-те пратеници, колку што брои парламентот, меѓу нив и мандатот на Бериша, кој по заклетвата ја напушти собранската сала.
Седницата продолжи со изборот на претседател. Предлогот за Линдита Никола го дадоа 16 пратенички од социјалиситичката партија и лидерот Еди Рама.
На тајното гласање учествуваа 137 пратеници. За Никола гласаа 79 пратеници додека четворица беа против.
– Ја прифаќам функцијата со голема одговорност и ќе го направам најдобро што можам, создавајќи простор прво за опозицијата да ги искажат своите мислења, но почитувајќи сè што овој храм заслужува според деловникот. Денеска она што можам да го кажам е фактот дека со цело знаење и срце со голема одговорност ќе се потрудам да ги исполнам очекувањата што ги имате при овој избор. Бог да ја благослови Албанија и Албанците, рече меѓу другото Никола.
Опозициските пратеници ја напуштија седницата кога Никола го почна обраќањето, откако најпрво почнаа со удирање на собранските клупи да го спречат нејзиното обраќање.
Линдита Никола (56) е родена во Тирана, во 1989 година, дипломирала на Природно математичкиот факултет во Тирана, отсек математика, каде 2010 година магистрирала јавна администрација, насока Централна власт. Се усовршувала на повеќе унверзитети, во и надвор од земјата.
Со политиката се занимава од 2003 година, од кога била избрана на повеќе функции меѓу кои и пратеник а во еден период раководешесо министертвото за образование.
Линдита е сопруга на за Проф. д-р Лигор Никола, актуелен декан на факултетот за математичко инжињерство и физика во Тирана, со кого имаат една ќерка. Лигор е Македонец, родум од село Врница, област Голо Брдо. Како македонска снаа одлично зборува македонски јазик.
И во текот на тајното гласање се создаде тензична ситуација во собраниската сала, откако опозициските пратеници, од кои претходно, лидерот Љуљзим Баша побара да не ја гласаат Никола, почнаа да ги кинат гласачките ливчиња и да ги фрлаат на подот до гласачаката кутија. Тоа го стои и самиот Баша.
Дел од опозициските пратеници гласачките ливчиња не ги искинаа туку само ги фрлија на подот. Гласаа и гласачкото ливче го ставија во кутија лидерката на опозициското движење за социјалистичка интеграција Моника Круемади(сопруга на шефот на државата Илир Мета) и тројцата пратеници од нејзината партија, кои потоа јавно кажаа дека гласале против, додека Вангел Дуле, лидер на партијата на Грците, која беше дел од опозициската изборна коалиција, гласал за, како и уште еден опозициски пратеник.
Она што беше воочливо е моментот кога Еди Рама отиде да гласа, почна да ги собира искинатите ливчиња и да ги става во кеса.
Во новиот собрански состав од вкупно 140 пратеници, Социјалистичката партија (ПС) има 74, изборната коалиција предводена од Демократската партија (ПД) 59, Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ) четири и Социјалдемократската партија, блиска на социјалистите, три пратенички места.
На неполни 14 часа од првата седница на новиот парламентарен состав претходеше неочекуваната одлука на демократскиот лидер Баша за исклучување на Бериша од пратеничката група.
Зборувајќи за одлуката на Стејт департментот, со која Бериша и неговото семејство се прогласени за „персона нон грата“ и барањето на американската амбасадорка Јуриј Ким да го повлече од пратеничката група тој рече дека Демократската партија е најпроамериканска и најпроевропска партија.
-Имав голема среќа и одговорност да ја водам Демократската партија во овие години и да се соочам со предизвици, одговорности, силни одлуки, политичка и лична цена. Имаше убави и тешки моменти за време на ова патување. Секогаш и во секоја одлука, како лидер, го имав предвид интересот на Албанија, интересот на Демократската партија, интересот на демократите и албанските граѓани, почитта и благодарноста за пожртвуваноста на секој демократ, наведе Баша.
За жал, додаде тој, кога сите очекувале прстот на одговорноста да биде вперен кон Еди Рама „авторот, егзекуторот и соработникот во изборниот масакр на 25 април, кој во изминатите 8 години, поради масовната корупција во секој сектор и врските на моќта со организираниот криминал, ја уназади Албанија во спроведувањето на реформите потребни на земјата, како членка на НАТО и аспирант за земја членка на Европската унија, дошла веста за прогласувањето на Бериша за персона нон грата.
-Ова беше еден од најтешките моменти за мене, како претседател на Демократската партија, како демократ, како еден од вас, но и како близок соработник на господинот Бериша. Ова не само за фактот дека она што тој го претставува за мене, како Љуљзим Баша, или за секој демократ, туку и за фактот дека јас сум сведок како негов соработник, како и многумина од вас, колку беше важна и вредна за Сали Бериша, заштитата на јавниот интерес и чесното служење во интерес на албанските граѓани, посочи Баша.
Тој нагласи дека Бериша нема да биде дел од пратеничката група на ПД, до „целосно расветлување на одлуката на Стејт департментот, каде ќе се разјасни целата вистина“.
Веднаш реагираше Бериша, кој меѓу другото обвини дека со оваа одлука Баша не го убил само него туку и целата Демократска партија, дека станал сателит на Еди Рама и најави дека независно од одлуката тој ќе биде на конститутивна седница на новиот законодавен дом, за каде поддршка и доверба му дале граѓаните, што и го направи.
-Нема никаква дискусија, ќе одам во парламентот. Јас не го избрав Баша за претседател на Демократската партија, туку членовите на Демократската партија со отворен конкурс. Со оваа одлука, за сопствени интереси, го зададе најголемиот удар врз ДП и Албанија. Ова е само фасада на опозицијата, рече Бериша во четвртокот навечер.
Според познавачите на состојбите во редовите на демократите, со одлуката на Баша не се согласуваат најмалку десеттина пратеници, со кои, сметаат тие, Бериша најверојатно ќе формира независна пратеничка група.
По констуивната седница на парламентот Баша рече дека 10 септември е денот на првата битка и додаде дека ќе „војуваат до падот на режимот на владата на Рама“.
-Моја и задача на секој Албанец е да направиме се против ова зло. Мојата битка е политиката, ја преземам целосно одговорноста за успесите и неуспесите во оваа битка. Но, тоа му припаѓа на секој Албанец, рече меѓу другото Баша, по излегувањето од собранската сала.
Во меѓувреме амерканската амбасада во Тирана ја поздрав одлуката, за која рече дека е тешка, но
храбра одлука со која ПД се „збогува со минатото за да изгради иднина“.
Искажувајќи поддршка за ПД, САД очекува тесна соработка со опозицијата со цел зацврстување на односите САД- Албанија.
По конституирањето на парламентот сега се очекува шефот на државата мандатот за формирање нова влада да му го врачи на Еди Рама, кој неодамна го соопшти составот на новиот владин кабинет.
Нема некои поголеми изненадувања околу имињата на членовите на владата „Рама 3“, но она што посебно паѓа в очи е застапеноста на жени-министри. Од 16 министерски места во дури 12 ќе седнат жени.
Рама одлучи негова десна рака, заменик премиер, да биде Арбен Ахметај, кој доаѓа на местото на Ерион Браче, кој го објави своето заминување пред неколку дена преку социјалните мрежи.
Ново стари министери се Олта Џачка, за Европа и надворешни работи, Огерта Манастирлиу, за здравство, Белинда Балуку, за инфратсруктура, Нико Пелеши, за одбрана, Бледи Чучи, за внатрешни работи Елва Маргарити, за култура и Евис Куши за образование.
Нов министер за правда ќе биде Улси Мања, секторот финансии го презема Делинда Ибрахими, за земјоделство Фрида Крифца и Мирела Кумбаро за туризам.
Владата ќе има и четворица државни министри, сите жени, Елса Спиропали за односи со Парламентот, Едона Билали, за заштита на претпремачите, Бора Музаќи за млади и деца и Милва Економи, за стандарди и услуги.
Ова е трета по ред влада раководена од Рама, откако неговата партија победи на изборите на 25 април годинава.
Откако ќе го добие мандатот, Рама во рок 10 дена треба да ја достави до Собранието програмата за работа на владата, заедно со нејзиниот состав, по што Мета треба да потпише уредба за согласност за новите министри. Уставно право е на претседателот да не потпише уредба за некој од предложените министри.
Претходно тоа се случи со косовецот Гент Цакај, кого Рама го предложи за шеф на дипломатијата, но Мета не потпиша уредба, па Рама ја презеде и оваа функција, а Цакај беше овластен министер.
Сето ова се случува во период кога Уставниот суд се уште се нема произнесено околу уставноста на одлуката за разрешување на Мета, (мандатот му завршува во јули следната година) што ја изгласа претходниот состав на парламентот, по предлог на социјалистите.
Имајќи се предвид по се изгледа дека Албанија ја чека жешка политичка есен.